Зијадин Села нема да има потреба да ја напушта владата. Неговите закани за заминување доколку во првите сто дена од новата влада не биде донесен законот за Албанскиот јазик (Закон за јазиците) стануваат безпредметни откако владата денеска го усвои законот за јазиците со кој албанскиот станува службен јазик на целата територија на Македонија.
Законот со кој албанскиот станува службен на територија на целата земја и кој министрите Албанци и други владини и државни претставници ќе можат да го користат и при посети во странство уште утре ќе биде пратен во Собранието а преку МНР ќе биде испратен до Венецијанската комисија која што треба да даде мислење дали во него има правила спротивни на европските стандарди.
Најголем дел од медиумите блиски на владата во своите извештаи не информираат за деталите од законот кој што не е објавен ниту од владата.
За неговата содржина први информираа членови на ВМРО – ДПМНЕ кои што предлог законот го квалификуваат како национално предавство.
Дел од нив тврдат дека исто како што за време на Гостиварските настани во 1997 година беше извршена девалвација така сега владата на Заев во време кога земјата ја зафатија десетици пожари, носи контраверзан закон кој што не е прифатлив за најголем дел од граѓаните.
Според текстот на законот албанскиот јазик нема да биде службен само во општини каде што живеат над 20 % Албанци туку на цела територија на земјата што значи дека и во општини каде што нема ниту еден процент овој јазик ќе биде службен и локалните и државни власти ќе мораат да обезбедат користење на исто ниво со македонскиот.





