(…)Особено не можеме да прифатиме да зборуваме за „заедничка историја со бугарскиот народ до 1945 година“. Тука треба особено да бидеме внимателни.



Нашиот народ тој период го доживува како сопствено ослободување од бугарските, германските и од италијанските фашистички окупатори. Тоа може многу лесно да се разбере и објасни и тоа не може да биде спорно.

Ако ние го прифатиме тоа како „заедничка наша историја“ би значело дека ние Македонците треба да прифатиме дека и Македонците и Бугарите сме еднакво виновни што маса Македонци беа затворани и убивани во бугарските затвори, како што беше случајот со затворените борци на Скопскиот партизански одред и на партизанските одреди од Куманово.

(…)

Ние не можеме да прифатиме заедничка одговорност за стрелањето цивили, и тоа без каква било вина, дури и на младинци како во Ваташа, потоа во тиквешките села Шивец, Возарци, Трстеник и други села, како и за стрелањето на македонски цивили во Гевгелиско, Струмичко, Кумановско, Прилепско и во други региони во Македонија.

Македонскиот народ во тие настани е жртва и не градел и остварувал заедничка историја со бугарскиот народ. Македонците, само во случајот на Конско, Гевгелиско, остварија заедничка историја кога македонските партиски раководители успеаја да се договорат со бугарските фашистички војници во Конско да пребегнат кај македонските партизани.

Тие 6о пребегани бугарски војници на чело со командантот Дичо Петров и политичкиот комесар Труфин Рангелов – Балкански, двајцата Бугари, го формира првиот партизански бугарски батаљон „Христо Ботев“. Таа прва бугарска партизанска единица потоа отиде во Бугарија да го шири партизанското движење.

Тоа беше вистински пример на правење заедничка ослободителна историја од фашизмот на Бугарија и Македонија.

Од колумната на Стојан Андов за Фокус