Бројни куќи во селата во Нагорно Карабах, каде Азербејџан треба да ја преземе контролата се запалени од нивните сопственици пред да заминат за Ерменија, јавува АФП.
Мировниот договор потпишан меѓу Ерменија и Азербејџан под покровителство на Москва стави крај на седумте недели жестоки борби во Нагорно Карабах, планинска енклава околу која двете земји водат расправи и војни со децении.
Според договорот, Азербејџан ќе поврати голем дел од територијата што е под контрола на Ерменија од раните 90-ти а контролата над таа територија ќе ја преземе утре.
„Денес е последен ден, утре азербејџанските војници ќе бидат таму“, рече еден војник во селото Шаректар, во областа Калбајар, што треба да му се препушти на Баку и каде жителите ги палат своите куќи.
„Тоа е моја куќа, не можам да им ја оставам на Турците“, како што честопати Ерменците ги нарекуваат Азербејџанците, вели еден од жителите.
Тој рече дека чекаат нешто да се поправи, но кога видоа како се демонтира хидроцентралата, сфатиле.
“Секој денес ќе ја запали својата куќа. Ни дадоа рок до полноќ да заминеме”, рече тој.
Тој додаде дека ги преместувале и гробовите на нивните родители, верувајќи дека Азербејџанците со задоволство ќе ги сквернават.
Вчера беа запалени најмалку десетина куќи во истото село и неговата околина.





