Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека Македонија мора сама да одлучи дали ќе продолжи по патот на идеологиите и омразата кон минатото или да оди кон демократска иднина.
„Бугарија мора да ги брани својата историја, јазик и идентитет. Никој освен нас не може да го стори тоа. Убеден сум дека соработувајќи и искрено работејќи со нашите соседи и браќа, ќе го најдеме вистинското решение. Но, бидејќи Договорот за соседство не води кон нив, ние имаме право да си ги бараме правата“, изјави шефот на бугарската држава за Бугарската национална телевизија (БНТ).
„За мене е важно што успеав да ја убедам бугарската влада дека не може да има безрезервна поддршка“, нагласи Радев .
Според него, вознемирувачки е молкот на бугарската влада, која, според него, нема јасни механизми со кои има намера да ја постигне својата позиција во однос на Македонија.
„Инсистирам да се отвори посебно поглавје во самата рамка за преговори – Поглавје 35, каде што ќе бидат утврдени сите критериуми. Тогаш нивното спроведување ќе стане обврска не само за Бугарија, туку и за сите земји-членки на ЕУ. Треба да има поглавје за добрососедство. Другата опција е анекс и нов договор“, додаде Радев.
На 6-ти ноември, Бугарија објави дека не може да ја поддржи рамката за преговори со Република Македонија за ЕУ.
Советот за општи работи треба да се состане на 17 ноември, на кој Бугарија мора да објави дали става вето..




