Горан Пандев е херојот на Македонија, постигнувајќи го единствениот, победнички гол против Грузија во Тбилиси за историски 1:0 и прв пласман на Европското првенство!



Филигранската акција во која учествуваа Елиф Елмас и Илија Несторовски 37-годишниот капитен ја круниса со погодок во 56. минута за аналите на македонскиот фудбал.

Со неговиот 36. гол во 114. настап за националниот тим, напаѓачот на Џенова стави точка на речиси тридецениските безуспешни обиди на Македонија да се најде на големо натпреварување во најважната споредна работа на светот.

Селекцијата на Игор Ангеловски на ЕП следното лето ќе игра во групата Ц со Холандија, Украина и Австрија.