Мартенс: Македонците се „измислена нација“, а бугарската од небото ли падна?

Михаел Мартенс, дописник на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ од Виена, со нов коментар за бугарското условување на македонската евроинтеграција насловен „Раѓање на нација?“.



„Бугарската Влада ќе се откаже од своето вето само ако Македонците се подготвени да го прифатат доминантниот историски поглед врз темата во Бугарија. Според него, Македонците се ‘измислена нација’, за разлика од бугарската, која во Софија, јасно, сметаат дека е дар од Бога, падната од небото или настаната како резултат на осмоза“, пишува тој.

„Конфликтот е значаен за цела Југоисточна Европа. Во овој дел од континентот се склони да им даваат посебна важност на историските спорови, па ако консензусот за спорните билатерални историски прашања стане предуслов за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, тоа брзо ќе ги избрише сите перпсективи за европроширување. Бидејќи сите земји-членки на ЕУ од регионот во неговата проширена верзија (Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Хрватска) се во различни конфликти за едно или друго историско прашање со земјите-кандидати. Зборуваме за територии, за текот и крајот на војните, за проценка на историските личности, за присуството или отсуството на разни малцинства. Ако договорот за вакви контроверзни прашања биде поставен како критериум за членство во ЕУ, политиката на ЕУ за проширување на Балканот ќе пропадне. Ова, се разбира, нема да ги вознемири сите во Западна Европа“, констатира добриот познавач на состојбите на Балканот.