Деновиве ќе се засилат разговорите со Бугарија и се надеваме на решение непосредно пред министерскиот совет на ЕУ во вторник, на 17 ноември, изјави денеска премиерот Зоран Заев.



Премиерот вчера во Софија, во рамки на лидерскиот Самит за Западен Балкан, имаше средба со бугарскиот колега Бојко Борисов, како и со министри бугарската влада.

„Вистинските политичари мора да му дадат шанса на процесот и да најдат начин да се согласат. За тоа имаме и директна поддршка од канцеларката Меркел“, рече Заев.

Тој релче дека вчера имале конструктивни разговори во пријателска атмосфера како соседи кои имаат намера да ја обезбедат европската иднина на регионот, и рече дека се надева дека така и ќе продолжат.

„ Удирањето во гради е можеби атрактивно за домашната јавност и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение и ние нема да го правиме тоа. Ние имаме свои јасни и прецизни позиции и ќе продолжиме да работиме со Бугарија во изнаоѓање на победничко решение. Македонските идентитет и гордост се и ќе останат големи како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл од тоа.

Многу е важно, како комшии и пријателски земји, заедно да чекориме на патот кон ЕУ, поддржувајќи се едни со други, бидејќи само така ќе донесеме напредок за сите наши граѓани, што е наша основна задача како политичари“, рече заев.