Европската унија и нејзините земји-членки прават многу за да го поддржат економскиот и социјалниот развој на Западен Балкан, вели францускиот претседател Емануел Макрон.



„Затоа очекуваме земјите од Западен Балкан да ја покажат својата посветеност во три области: да ја зајакнат соработката, да ги забрзаат структурните реформи со фокус на клучните реформи во владеењето на правото и економското управување и – да ни помогнат подобро да се бориме против тероризмот“, изјави Макрон во обраќањето на онлајн самитот во Софија како дел од Берлинскиот процес, посветен на Западен Балкан.

„Иако сите ние сме силно фокусирани на состојбата со Ковид-19, од суштинско значење е да го одржиме и зајакнеме овој многу значаен дијалог со Западен Балкан: тој географски, историски и културно и’ припаѓа на Европа. Дозволете ми уште еднаш јасно да потврдам дека Франција ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан“, рекол Макрон како што соопштија од Елисејската палата.