Ерменија, Азербејџан и Русија потврдија дека потпишале договор за ставање крај на воениот конфликт во регионот Нагорно Карабах, по повеќе од еден месец крвопролевање.



Ерменскиот премиер Никол Пашинијан ја објави веста за потпишувањето на договорот на социјалните мрежи денеска рано наутро , по што беше потврдена од Кремљ и од азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.

Но, незадоволни граѓани на Ереван упаднаа синоќа во зградите на Владата на Ерменија, откако премиерот на таа земја, Никол Пашинјан, потпиша договор со Азербејџан со кој се става крај на конфликтот во регионот Нагорно Карабах.

На социјалните мрежи се појавија снимки од незадоволни граѓани кои протестираат против потпишувањето на договорот.

„Потпишаната трилатерална изјава ќе биде клучна точка во решавањето на конфликтот“, рече Алиев на онлај разговорот со рускиот претседател Владимир Путин.

Путин рече дека руските мировници ќе бидат распоредени долж границата со Нагорно Карабах и долж коридорот помеѓу регионот и Ерменија.

Рускиот министер за одбрана потврди дека Русија започнала да распоредува скоро 2.000 мировници, додека Алиев најави учество на Турција во мировниот процес

Декларацијата беше потпишана по шест недели борби и напредувањето на азербејџанските сили.

Борбите, за кои се верува дека убија неколку илјади луѓе, предизвикаа страв дека војната може да го зафати поширокиот регион, бидејќи Турција го поддржува Азербејџан, додека Русија има договор со Ерменија, каде има и воена база.