Бугарски дипломат: Блокадата за Македонија ја става Бугарија во меѓународна изолација

Љубомир Ќучуков, бугарски дипломат и директор на Институтот за економија и меѓународни односи, оценува дека блокирањето на Македонија ја става Бугарија во меѓународна изолација и оти тоа го компромитира приоритетот на нејзиното претседателство со Европскиот совет.



„Јас сум скептичен за самата идеја за блокирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, зошто тоа работи целосно во полза на македонизмот и генерира многу сериозни антибугарски расположенија кај нашиот сосед и ја става Бугарија во меѓународна изолација – во рамките на Европската унија и во регионот – компромитирајќи го нашиот сопствен приоритет за време на претседавањето со Советот на ЕУ за присоединувањето на Западен Балкан“, изјави тој за Бугарското национално радио (БНР).

Според него, ситуацијата е блокирана како во однос на Македонија, така и за Албанија, но и од гледна точка на билатералните односи, „што е негативен елемент“.

Ќучуков направи паралела меѓу договорите на Македонија со Грција и до Бугарија, нагласувајќи дека тие се целосно различни.

„Грција се обидува да докаже дека меѓу неа и РСМ нема ништо заедничко, а ние се обидуваме да докажеме дека сè ни е заедничко. Затоа кај нас тоа е прашање на процес, зошто станува збор за сознанието на луѓето“, објаснува тој.