Почина Ѓорѓи Наумов, првиот министер за правда во независна Македонија, кој на оваа функција беше од 20 март 1991 до 4 септември 1992.
Наумов кој имаше 90 години беше еден од највлијателните политичари по независноста и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година.
Во првата експертска влада на Македонија Наумов како министер за правда беше дел од познатата штипска политичка четворка, Киро Глигоров, Никола Кљусев и Јордан Мијалков кои ги удрија темелите на независна Македонија.
Наумов е роден во Штип каде завршил основно образование, Правен факултет дипломирал во Скопје а магистрирал на правни науки на Универзитетот во Загреб. Професионалната кариерата ја почнува во Јавното обвинтелство, каде извесен период бил и заменик републички обвинител.
Во 1998-та година повторно е дел од Владата на ВМРО-ДПМНЕ како министер без ресор а последна активност му е претседател на Комисијата за односи меѓу верските заедници.
Автор е на книгата „Мојот од во плурализмот“ во која пишува за своите лични искуства во периодот од 1990 до 2003-та година.
Семејството на Наумов соопшти дека погребот ќе се изврши на 9 ноември 2020 година на Градските гробишта во Штип. Посмртните останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во Градската капела, а опелото ќе биде извршено во црквата „Света Тројца“ во Штип.
Последен поздрав до Наумов ноќеска упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Сочувство до семејството на Ѓорѓи Наумов кој беше еден од министрите во првата експертска влада предводена од академик Кљусев и човек кој активно се вгради во создавањето на независна Македонија.
Македонија е нашата прва и последна тврдина. Почивај во мир! pic.twitter.com/Psr4SBEJBz
— Христијан Мицкоски (@MickoskiHM) November 7, 2020





