Само дилетанти, од небо паднати и тотално неупатени во меѓународните политички односи можеа да очекуваат и да се надеваат дека нема да им се случи тоа што им се случи со Бугарија. „Изненаѓени и увреѓени“ од бугарското вето можат да бидат само „државни глави“ како Пендаровски, „министер-президенти“ од калибарот на Заев, „в’ншни“ од типот на Османи и Димитров, „пљус“ #WeAreNATO Шекеринска.
На сите други им беше јасно како ден уште веднаш по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што ќе мора Македонија да испорача за Бугарија да ја поддржи на патот кон Европската унија. Оттаму, сегашното „пренемагање“ дека источниот сосед прекршил некаков си член од Договорот е само невешт обид за себеоправдување за кусогледоста и наивноста за нешто што се гледаше од авион и пред три години, и сега. Пустата надеж дека со едно обично појаснување оти новото име што ѝ го наметнаа на македонската држава наспроти волјата на народот не значи територијални претензии кон (пиринскиот дел на) Бугарија е исто толку гротескна колку таа кога мислеа дека Грција ќе прифати „Илинденска Македонија“.
Едноставно, зошто Бугарите не би ја повториле тактиката на Грците, кои ладно им рекоа „не“ дури и на САД (за НАТО во Букурешт)? Што ги спречува Борисов, Захариева, Каракачанов и бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања да поставуваат нови и нови услови, при грчкото искуство со Македонија пред себе? Играњето на картата дека Меркел ќе му свиткала рака на Борисов поради блиските односи на Димитров и германскиот министер за Европа, Михаел Рот, се покажа еднакво наивно како и очекувањето дека Грците ќе потклекнат пред Буш.
Зошто Софија не би се поставувала од позиција на сила во односите со Скопје, кога од другата страна нема никаква реакција, освен немушти пелтечења и нереални очекувања дека ќе се случи чудо во последен момент? Нели, бе, господа, велевте дека, кога ќе сме седнеле на иста маса со најсилните во светот, како сега во НАТО, ќе сме можеле и ние да удриме со рака на неа и да се избориме за нашите интереси? (Раз)дадовте и име и презиме за тоа, а не бекнавте ни збор за себе во најмоќниот воено-политички сојуз на планетата откога сме им сојузници на другите 29. земји-членки, меѓу кои и на Бугарија?
Прашањето е просто, попросто не може да биде: подготвени ли сте да прифатите и дека Гоце Делчев е Бугарин, дека македонскиот јазик е западен дијалект на бугарскиот, дека Македонците до 1944 година биле Бугари, а оттогаш ги измислил Тито, повикувајќи се на Коминтерната, дека во Пиринска Македонија нема македонско малцинство? Ако сте подготвени, тогаш ќе си одиграте „ол ин“, како што пластично се изрази муртинецот на привремена работа во премирскиот кабинет на „Илинденска“, како во случајот со Грција. Ако, пак, не сте подготвени своеглаво и самостојно да решавате за државните и за националните интереси како досега, вината за ќорсокакот ќе биде само ваша, а со тоа и одговорноста за катастрофалните последици од вашата (надворешна) политика. И онака упорно ги игнорира(в)те и експертската јавност, и повиците од опозицијата за изградба на заеднички одговор за бугарскиот појаснувачки меморандум до земјите-членки на ЕУ.
Знам, не им е лесно на Заев и компанија. Изборот им се чини како тој меѓу змија и магаре. А можеби и не, ако се потврди дека беа инсталирани на власт за еднократна употреба – внесување на Македонија во НАТО по секоја цена (што ќе ја платат Македонците). Односно, дека никој не им ветил и почеток на преговори со ЕУ (само со отстапките кон Атина). Во тој случај, прифаќањето на бугарскиот ултиматум би им дошло како бонус и би му дало смисла на наводниот хакерски напад во Државната изборна комисија, по кој последните избори чудесно добија поинаков тек од дотогашниот, а тие нова можност да се „докажат“.
Што и да решат, ќе останат запишани во македонската историја наспроти сопствениот народ, колку и да мислат во моментов дека со ескивирањето на барањата од Софија ќе се „исперат“ за сите досегашни понижувања, „лигавења“ и свесни одмолчувања. За такво нешто по Нивици е (пре)доцна.





