Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов вели дека компромис со историјата на бугарскиот народ би бил национално предавство.



Кој и да ја прифати, неговата фотографија треба да биде поставена веднаш до таа на Георги Димитров, кој го наметна македонизмот со насилство во Пиринска Македонија, рече тој.

Каракачанов е воодушевен со резултатиоте од последната анкета: „Никогаш не сум видел Бугари толку обединети како на темата Македонија. 84% од бугарскиот народ се залагаат Бугарија да спречи кражба на историјата и понижување на достоинството“.

Тој вели дека Софија нема да прави компромис со Македонија на кој било начин. „Ние немаме право да признаеме во ЕУ земја со нов идентитет на антибугарска основа“, рече Каракачанов за БНТ.

Тој истакна дека не е Бугарија таа што ја запира Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, туку самата Македонија се сопнува од својата неподготвеност да развие нормални односи.

„Скопје не стори ништо за да ги запре фалсификатите на историјата и говорот на омраза. Ние не сме претставници на турско-татарско племе, како што велат нивните учебници по македонска историја. Ние не сме окупатори, фашисти и убијци.

Не можеме да поддржиме држава што врз основа на кражба на бугарската историја создава нов идентитет со омраза кон бугарскиот народ “, повтори уште Каракачанов како што пренесе БГНЕС