Милошоски до Димитров: Порано или подоцна и најразмазениот ќе дојде

Шефот на Комисијата за надворешни работи во Собранието Антонио Милошоски во текст со наслов “Размазениот министер” го прашува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров дали навистина не сакал да го загрозува своето здравје, за да си ја работел работата?!



Милошоски реагира откако вчера Димитров не се појави на Комисијата за надворешни работи на расправа за Бугарија со свое објаснување.

“Колку лицемерно, кога се знае дека дел од неговата висока министерска плата, со личен шофер и службено возило ја зема за да работи, меѓу другото, и за давање отчет и пред пратениците, со присуство во Собранието.

Додека илјадници медицински сестри си ја работат својата работа, изложени на ризик од кој се штитат, и така ја заработуваат својата скромна плата, размазениот министер ги потценува со оправдание дека не сакал да дојде да одговори на две прашања во Собранието. Срамота!

Додека илјадници касиерки во самопослуги, новинари, аптекари, келнери, заболекари и службеници се присутни на работа, изложени на ризик од кој се штитат, и така ја заработуваат својата плата, министерот кој зема пет пати повисока плата од нив, не можел да дојде до Собрание на еден час и да им објасни на пратениците што преговарал со Бугарија?!

Додека заменикот министер за финансии може 5 дена да седи со пратениците во Собранието и да го брани ребалансот на буџетот од кој ќерката на размазениот министер зема висока стипендија од 40.000 евра годишно, овој нежниот и своите колеги министри ги понижува со изговорот дека не сакал да дојде во Собрание да не се заразел”, пишува Милошоски во пораката која е реакција на објаснувањето зошто Димитров ја избегна дебатата за Бугарија во Комисијата за надворешни работи која вчера пропадна откако владеачката коалиција ја бојкотираше.

“Но, порано или покасно, сите министри ќе дојдат во Собрание, па и најразмазениот”, заклучува Милошоски во постот.

Што кажа Димитров за недоаѓањето на комисиската расправа за Бугарија.

Димитров го ескивирал Собранието бидејќи не сакал да го загрози своето и здравјето на другите