„Бугарија и јас сме благодарни за ангажманот на германското претседателство и Вас лично за барањето на формули што ќе овозможат почеток на преговорите на Република сМакедонија за членство во Европската унија“, изјавил бугарскиот премиер Бојко Борисов на видео конференцијата со германската канцеларка Ангела Меркел, јави Вести.бг



Од Кабинетот на Борисов соопштуваат дека тој уште еднаш го потврдил ставот на Бугарија, што министерот за надворешни работи Екатерина Захариева го презентираше вчера во Берлин.

За време на 40-минутниот разговор, премиерот Бојко Борисов изразил уверување дека со помош на Германија, особено за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ, ќе се постигнат вистински решенија за ова прашање.

Се очекува на 10 ноември Советот на ЕУ да разговара за рамката за преговори со Северна Македонија. Доколку Бугарија не го одобри, тоа ќе значи вето на официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија.

И бугарскиот претседател Румен Радев кој денеска треба да се слушне со германскиот колега Штајнмајер, на слични позиции:

„Очекувам бугарската влада да се бори за Поглавјето 35 од рамката за преговори, во која ќе биде вградена целата наша позиција на национална рамка, усвоена од бугарскиот парламент, како јасно препознатливи критериуми што треба да се следат во текот на целиот процес на преговори. Изгледа дека тоа е помалку веројатно, оттука ќе има само еден излез – одложување на преговорите додека не се постигне јасен и обврзувачки договор за расчистување на сите билатерални прашања со Република Македонија“, рече претседателот Радев..