Од Владата велат дека ангажманот на Германија како претседавач со ЕУ за нејзината улога во разговорите меѓу македонските и бугарските власти е значаен сигнал за целиот регион и за кредибилитетот на ЕУ, а честите контакти и средби на високо ниво се во функција на поголемо разбирање со соседна Бугарија.



„Овие комуникации водат кон поголемо разбирање, кон зајакнување на довербата и кон приближување на позициите. Го почитуваме и посветени сме на Договорот од 2017 година кој нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања. Веруваме дека историските прашања кои се дел од заедничката историја може да се решат низ Комисијата за историски и образовни прашања и веруваме дека решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји’, брифираат од Владата.

Од Владата велат дека се убедени оти трите цели: грижата за националниот интерес и правото на самоопределување на македонскиот народ, македонската европска иднина и отворањето на пристапните преговори во декември и добрососедски односи врз основа на взаемно разбирање и почитување, не само што не се спротивни една со друга, туку се целосно компатибилни, пренесува РСЕ.