Во првите десет месеци од 2020 година во Македонија имало 14 напади врз македонски новинари што е за 10 повеќе од лани, открива британската амбасадорка Рејчел Галовеј.
Велика Британија во октомври заедно со Канада беше домаќин на виртуелниот настан за Консултации за слобода на медиумите, каде беа дискутирани слободата на медиумите и моменталните состојби во Македонија.
По овие разговори, Велика Британија со изјава на амбасадорката Галовеј го одбележа и Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите.
„Слободата на медиумите на глобално ниво е во состојба на опаѓање, кое само се забрза за време на пандемијата со КОВИД-19. Новинарите и медиумските организации ширум светот се соочуваат со ограничувачки закони и казнени законски мерки. Исто така, забележано е значително опаѓање на безбедноста на средините што им овозможуваат на медиумските професионалци да си ја вршат својата работа. Тие страдаат од физичко насилство, вербално вознемирување и убиство, честопати неказнето. Последица на ова заплашување е самоцензурата, што е директна пречка за квалитетното новинарство”, се вели во соопштението на амбасадата во Скопје.
Амбасадорката е задоволна сум што во С. Македонија, состојбата на медиумите е подобрена во споредба со 2017 година, вели Галовеј.
“Медиумската клима е генерално погодна за промоција на слободата на изразување и овозможува критичко известување, но сеуште постојат предизвици. Нападите, особено против жените новинарки, се зголемија. Од јануари до денес, имало 14 напади врз новинари – во споредба со 2019 година кога имало само 4. Ниту еден од нив досега не постигнал судска разрешница”, открива амбасадорката која додава дека независните и квалитетни медиуми се борат да преживеат комерцијално и зависат од меѓународните донатори.
Според Галовеј само-регулирањето на медиумите и професионалното, етичко новинарство е клучно во борбата против дезинформациите и лажните вести, кои се пропагираат од портали на интернет, многу од нив поддржани и од надворешни извори. Овие проблеми се рефлектираат и на глобално ниво а предизвиците не може да се игнорираат.
Од оваа причина, вели Галовеј, беше основана Коалицијата на министри за слобода за време на првата Глобална конференција за слобода на медиумите што се одржа во Лондон во 2019 година. Тоа е партнерство на земји кои работат заедно и се залагаат за слобода на медиумите и безбедност на новинарите и бараат одговорност од тие што им наштетуваат на новинарите за вршење на нивната работа. Коалицијата ги вклучува Обединетото Кралство и Македонија, кои ја потпишаа Глобалната заложба за слобода на медиумите, писмена обврска за подобрување на слободата на медиумите на домашно ниво и заедничка соработка на меѓународно ниво.
“Сега посилна за 37 земји, Коалицијата е уникатно соодветна за адресирање на постоечките и новите закани по слободата на медиумите ширум светот.
Обединетото Кралство е голем поддржувач на Македонија во овие непредвидливи времиња за да го заштити овој основен столб на демократијата и слободните општества. Ние ќе продолжиме да се залагаме за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и ќе бараме одговорност за оние што ги повредуваат новинарите”, се вели во соопштението.





