Македонија нема да влезе во ЕУ со коминтерновско удирање по масата, се закани Каракачанов

„Гласноговорникот“ на бугарската официјална политика кон Македонија, Красимир Каракачанов, со нов сет пораки кон „браќата“ од југозападниот дел на границата.



„Во Скопје некој си вообразува дека Бугарија од братски чувства и солидарност ќе направи отстапки. Очекуваат и некој однадвор да ја притисне Бугарија. Но, тоа нема да се случи“, порача вицепремиерот и министер за одбрана.

„Како тоа си претставувате дека Парламентот би гласал нешто такво и една отстапка од позицијата на Бугарија да помине преку кој и да е парламент. Ќе видиме следната недела што ќе се случи“, се закани тој и предупреди: „Изборот дали ќе бидат дел од ЕУ е нивни. Со коминтерновско удирање по масата нема да влезат во Европската унија“.

Лидерот на софиското ВМРО смета дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е доволно добар „ако се почитува“. Според него, една година по неговото потпишување тој повеќе не се почитувал.

„Договорот е прв чекор за прием во НАТО. Неговото почитување е вториот чекор за прием во ЕУ“, нагласува Каракачанов.

За разлика од минатата седмица, сега тој тврди дека нема дипломатски притисок врз Бугарија од Германија, а во САД ја објаснил генезата на балканските проблеми, повикувајќи се на американски извори.

„Пријателството си е пријателство, братството си е братство, но договорите и добриот тон треба да се почитуваат. Ние не сакаме да одиме во Капали чаршија за да спориме чиј е Гоце Делчев“, во свој стил нафрли еден од замениците на премиерот Бојко Борисов, инсистирајќи дека Бугарија и бугарскиот народ треба да си го заштитат својот национален интерес.

„Ние не ги тераме Скопје и Македонците да се откажат од својот национален идентитет, туку да бидат така добри да си го создаваат според фактите и од кога е создаден со оган и со меч по 1944 година. Дотогаш историјата е заедничка, на еден народ. Заедничка историја имаме со Османската империја, со Византија, со ерменскиот народ, но не и со Македонците. Едно ‘клекнување’ пред Скопје сега би означувало идни проблеми, вклучително и такви како претензии да се учи измислениот македонски јазик во ќустендилско по некое време“, заклучува Каракачанов.