Нејмар отвора ново поглавје, откупните клаузули ќе одат до милијарда

Многу е можно само денови или дури и часови да не делат од трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ со што тој ќе стане најскапиот играч во историјата на фудбалот. Франција веќе е во френетично очекување на пристигнувањето на бразилскиот ас, додека во Каталонија се во очекување на полнење на касата со восхитувачка сума 222 милиони евра, сума која до сега беше незамислива за продажба на еден фудбалер.



Ако преминот на Пол Погба од Јувентус во Манчестер Јунајтед за 105 милиони евра минатото лето на навивачите им се чинеше нешто што тешко ќе биде надминато во блиска иднина, 222 милиони за Нејмар од ПСЖ говорат дека сега се е можно на фудбалски трансфер пазар и дека веќе важи девизата „Ништо не е премногу скапо во фудбалот”.

Во последните години повеќе клубови се решија да ги обезбедат своите ѕвезди со клаузули во договорите во кои се наведува конкретна и навидум невозможна цена за нивни прекин. Таква практика воведоа пред се, во Шпанија и Португалија, каде речиси сите договори можат да бидат прекинати еднострано од играчот при трансфер со исплата на наведената сума на сметката на нивниот клуб.

Во Англија, Франција и Германија се уште не е честа појава Топ играчите да бидат „врзани” од клубовите со клаузули за раскинувањето на договорите, додека во Италија ваквите случаи се се повеќе во последните години, а како лидер во таа смисла е Наполи.

Највисоки откупни суми за своите Супер ѕвезди секако имаат Барселона и Реал Мадрид. Всушност на пиедесталот се „кралевите“ кои за своето дуо од нападот Кристијано Роналдо-Герет Бејл имаат неверојатна цена од една милијарда евра. Претседателот на „белите“ Флорентино Перез е човекот кој оваа формула и ја спроведе во пракса. А за каква сума станува збор можеби е најдобро да се повикаме на математиката која вели дека тоа се пет Нејмари.


Во таборот на Барса природно на врвот е Лионел Меси. Аргентинецот кој пред неколку дена го обнови договорот со “каталонците” е заштитен со сума во износ од 300 милиони евра (малку помалку од 1/3 од онаа за Бејл и Роналдо). На Камп Ноу следуваат токму Нејмар со веќе познатите 222 милиони и Луис Суарез со 200 милиони евра.

За издвојување од Ла Лига се и двајца играчи на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман и Саул Нигес за кои според актуелните обврски заинтересираните коминтенти ќе треба да издвојат 100 милиони односно 150 милиони евра. Во овој пакет од Шпанија и нешто што делува фантастично. Се зборува, така барем соопшти весникот Марка дека Реал Мадрид се заштитил од раскинување на договорот со новото засилување Дани Себаљос на сума од 500 милиони евра. Ова е чудно зошто талентираниот играч од средниот ред на Бетис беше донесен летово за „само” 15 милиони евра.

Погледнувајќи кон Италија, на чело го гледаме капитенот на Интер Мауро Икарди, кој може да биде купен за 110 милиони, а следен е асот на Торино Андреа Белоти за кого заинтересираните треба да издвојат 100 милиони евра, но тоа е сума за кандидатите од странство.

Зад нив на таа листа се „небесносините” Пјотр Желински, Марко Рог и Никола Максимовиќ за кои Наполи бара 65, 60 и 55 милиони евра, а Рома се има заштитено во случајот на Холанѓанецот Кевин Стротман и за неговото ослободување би добила 45 милиони евра.

Новото засилување на Милан Андре Силва чини 38 милиони, а тој кај „росонерите”, дојде од Португалија каде многу често се користи фиксната клаузула иако многу често таа и не се почитува. Така во Порто, Силва беше заштитен со 60 милиони евра, но проблемите на клубот со исполнување на условите на финансискиот ферплеј на УЕФА беа фактор клубот да не смее да се инсистира на целосната сума. Таков случај претходно на Португалците им се случи и со уште еден член на „змејовите” Данило Переира.

Во моментов 60 милиони евра е цената на крилото на Спортинг (Лисабон) Желсон Мартинеш додека поранешниот играч на Интер и сегашен на Бенфика Езекиел Гарај во договорот има клаузула од 45 милиони.