Какво антологиско салто мортале за еден професор по меѓународно право. Од застапник на Македонија во добиениот спор против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Тони Дескоски стана застапник на тезата дека името Северна Македонија ни било за навек. Од еден од најзаслужните за уверливо добиената битка за правда по прекршувањето на Привремената спогодба од јужниот сосед до повикувач за помирување со неправдата во вид на државно име неодобрено од над две третини од граѓаните на референдум.
Прво и основно, ништо на „дуњава“ не е вечно, освен интересите. И за Римската империја, и за Отоманското царство, и за СССР и Варшавскиот пакт се верувало дека се за навек, па човештвото се уверило во спротивното, а камоли име на држава. Дури и некогашните колонии, ден денес зависни од своите колонизатори, си го вратија името, па зошто да не може европска држава, згора и членка на НАТО?
„Цел свет ќе се струполи на нас“ ако сме пробале да го сториме тоа, тврди понатаму Дескоски, бидејќи „западниот свет вложи многу голем напор за да ни го смени името“. Голем напор вложија и САД за да ја сменат власта во Боливија, за на неодамнешните избори народот уште поубедливо да си ги врати своите насилно тргнати избраници претходно. И влакно не му фали, не па да му се струполи нешто.
Професорот „баш го интересирало“ и кој суд ќе ја поништел „Преспа“. Уставен не може? Самото игнорирање на заклучокот на Државната изборна комисија дека референдумот е неуспешен поради неисполнувањето на цензусот од 50 проценти излезеност плус еден глас не е ли доволно за покренување на процедурата? Со недонесувањето закон за спроведување на резултатот од референдумот во рок од шест месеци дополнително е повредено уставно загарантираното право на граѓаните за плебисцит како највисока форма на непосредна демократија. Плус, договорот го потпиша неовластен потписник, а претседателот не ги аминува ни уставните промени за негова имплементација. Тука се и „балканските методи“ што ги побара Хан, а ги спроведоа овдешните подизведувачи со поткупот и со заплашувањето на осумтемина одметници од опозицијата, вклучувајќи го и вадењето пратеници од притвор само за да гласаат.
И врвот на дефетизмот на сопругот на бившата министерка за правда Рената Дескоска: „Не е фер да ги лажеме луѓето дека имало надеж да се смени (новото име – н.з.). Може ли некој да замисли ваков став да имале македонските комити или партизаните? Ако Гоце, Даме, Јане, Питу, Никола не ги „лажеле луѓето дека има надеж да се смени“ отоманското ропство, а Ченто, Пинџур, Ацев, Наумов, Јосифовски, Дуња не го повториле тоа против фашистичката окупација, ќе имаа ли Македонците денес слобода и независна држава?
Сè е во главите. Прво настанува идејата, па следува (или не) нејзината реализација. Народ што не се откажува од идејата да биде свој на своето, да се самоидентификува како што се чувствува и да ја именува својата татковина по сопствена желба, а не на некој однадвор, ќе го оствари тоа кога-тогаш. Обратно, со губитнички менталитет и со дефетистички пристап, секој однапред е осуден на неуспех и во спортот, а камоли во меѓународните односи.
Историјата е полна со примери кога и (многу) помали народи од македонскиот се избориле за своите правдини. Но, таму не ги учат дека работите се такви какви што се и оти нема надеж да се променат, бидејќи противникот е пресилен, а целта недостижна. Напротив.






