„Загрижени сме како и сите граѓани за големата смртност, хаотичните мерки и немањето на стратегија за справување со КОВИД-19. Сметаме дека Македонија со други кадровски решенија може многу поуспешно да се носи со целокупната состојба во здравството“ вели инфектологот Вело Марковски.
Спорд него, постојат 12 причини за оставка на министерот за здравство Венко Филишпче меѓу кои:
„Со сите сили надвор од сите досегашни научни сознанија по предлог од неговата комисија за заштита од заразни заболувања се направи стратегија да се спречи ширењето на КОВИД -19, односно да се сведе на најмногу 2.000 позитивни за цела држава. Иако науката од досегашните искуства кажуваше дека не е можно да се спречи ширење на горно респираторна инфекција, туку само може да се одложи. При тоа се презедоа драстични мерки иако епидемиолошката ситуација беше мирна. Се потрошија повеќе од 1.5 милијарда евра, се стопира економијата, образованието, социјалниот и спортскиот живот. Бројката од 2000 ја достигнавме на 26 мај 2020 година.
Не се избра модел/стратегија за справување со КОВИД-19. Со лажно прикажување на позитивните како заболени се направи непроценлива штета на државата, во тек на летото поради ваквите привидни бројки бевме изолирани скоро од сите околни држави.
Иако никогаш не се прогласи завршување на првиот бран, се дозволија голем број на јавни собири во тек на летото (концерти, свадби, прослави…) Во тоа време комисијата се опушти, не се испланира почетокот на школската година, не се одржа ниеден симпозиум или конференција за изедначување и доктринарни ставови за лекување на болни со КОВИД19. Не се изработија релевантни дијагностички протоколи.
Денес со околу 28.000 позитивни и 949 умрени се бара вина кај народот, кај политичките опоненти, кај стручни лица, кај сите освен кај себе. За жал и покрај највисоката смртност во светот ако се анализираат само последниве месеци по милион жители, изостанува одговорност, чувство на грижа на совест, но пред се изостанува анализа. Нема стручна комисија која ќе утврди дали и зошто имаме висока смртност.
Направени се над 230.000 ПЦР тестови. Зошто и како некој дозволи тестовите да се движат од 30 до 100 евра а понекогаш во итни случаи и по 200 евра по тест.“, посочува Марковски.
Министерството да одговори дали обезбедило тестови за други причинители како адено вируси, инфлуенца, пара инфлуенца, микоплазма, инфекции кои тешко клинички се разликуваат од корона вирусните инфекции. Според него, во есенските и во зимските месеци мора паралелно со Сарс ков -2 да се тестираат уште десетина можни причинители на горно респираторни инфекции.
Зошто не се вакцинирани ризичните групи за сезонски грип? Вакцината за грип секогаш на северната хемисфера се спроведува во октомври. Препораките на СЗО беа оваа година да се зголеми бројот на вакцинирани. Кај нас сѐ уште не е почната вакцинацијата и најверојатно сѐ уште нема набавено вакцина. Препораките на СЗО се да се вакцинираат најмалку 75% од припадниците на ризичните групи. Дали е обезбедена бесплатна вакцина против сезонски грип за сите здравствени работници? – праша тој и потсети дека во земјите од ЕУ од 3-68% од здравствените работници се вакцинираат секоја година.
Комисијата требало да ѝ предложи на Владата набавка на барем 100.000 квалитетни вакцини за сезонски грип уште рано пред летото. Тој наведе дека Германија со 83 милиони жители има набавено 26 милиони дози за сезонски грип. САД помеѓу 194 и 196 милиони дози – за барем половина од сопственото население. Соседна Србија над 500.000 вакцини што е 6% од населението.






