На 27 километри од браната во Маврово, на патот кон Дебар, од левата страна се наоѓа селото Јанче. За топонимот се претпоставува дека доаѓа од турскиот збор „јан“ – што би означувало дол, иако не постои многу логика бидејќи селото Јанче се простира на рид.



Патувајќи кон Јанче, се сеќавате на една легенда врзана за ова село која ја отсликува климата во овој дел. Имено, според кажувањата на старите, времето во Јанче е секогаш исто како во Солун! Чудно но, велат истите тие, дека тоа многупати се докажало.

Јанче е село со педесетина куќи, а меѓу нив се издвојува хотелот „Туто“, кој има прекрасна локација. Сместен во ридско-планинскиот предел на подножјето на Бистра, а од него се отвора прекрасен поглед кон селото, чии куќи сè уште имаат специфична градба и стара архитектура. Малку села во Македонија што ја задржуваат својата автентичност. Дури и оние што полека „се будат“ и прават напор да го оживеат селскиот туризам, како да прават една голема грешка. Се градат нови куќи, се обновуваат старите, но притоа не се води сметка за автентичноста.

Од Јанче, сè е на дофат на раката. Ледничкото езеро Локув, пештерата Шаркова Дупка, Дебарски Бањи и, секако, манастирот „Св. Јован Бигорски“.

Часовникот во Јанче дигитално отчукува наназад. Во она време кога луѓето си велеа добар ден, иако не се познаваа. Во некое време кога намерникот со насмевка се пречекувал. Со полно срце и со чиста душа.

Затоа, во Јанче не се доаѓа случајно туку, намерно. Заради чистиот воздух, заради нечепнатата природа, заради ноќите што посебно светкаат. Во ова место со мешано по вероисповест население, една црква и една џамија, нештата течат природно, како и звукот на Радика.