Државата преку јавните претпријатија должи 300 милиони евра на приватни фирми. Државата со неплаќањето на своите долгови кон фирмите предизвикува намалена моќност на стопанството, бидејќи истото извршило промет, свртело средства, платило даноци, а не може да се наплати. И така се генерираат загуби, од кои страдаат како фирмите така и вработените во истите, е заклучокот од дебатата помеѓу Елена Милевска Штрбевска од Стопанската Комора и Благоја Грозданов од ССК во емисијата „Бизнис поенти“ на телевизија Алфа.
Со ваквото неплаќање се загрозува ликвидноста на фирмите, што е особено проблем во времиња на намалена економска активност, како што е во изминативе месеци поради корона кризата, и со тоа може многу лесно некои фирми да пропаднат.
„Не само што не може да си ги наплатат средствата, туку влегуваат во голема дупка со оглед на тоа што го плаќаат данокот на државата иако немаат наплатено фактури, а потоа државата во неможност да ги собере сите средства, повторно бара спас од стопанството каде врши дополнителен притисок што сега се наоѓа во поголема криза“, вели Благоја Грозданов од ССК во емисијата Бизнис поенти на Алфа ТВ.




