Екс премиер на ЕУ членка открива руско влијание на изборите во Македонија

Поранешен премиер на Романија пишува за руско влијание врз два важни политички настани во Македонија.



Во авторски текст за Џерусалим Пост екс премиерот на Романија Виорица Данцила пишувајќи за битката против руското влијание во Европа вели дека постојат документирани случаи на палење на национализмот на европско тло и меѓу примерите ги споменува референдумот за промена на името и изборите во Македонија.

“Руското влијание на европските работи е агресивно и уништувачко. Ова е докажано не само преку руските добро документирани напори да го запали огнот на национализмот во ЕУ туку и со поддршка за проруските сили во нашите партнерски нации.

Примерите се насекаде низ континентот, од Брегзит во Велика Британија до неодамнешните референдум и избори во Македонија, до кризата во Украина и претседателските избори во Белорусија”, смета екс романскиот премиер според кого европските напори да се спречи руското влијание се неуспешни.

За разлика од информациите за руско влијание за време на референдумот за промена на името за кој зборуваше премиерот Заев во јавноста досега немало информација дека на последните избори во Македонија имало руско влијание.

Данцила не дава детали кој профитирал од руското влијание во Македонија, ниту ги посочува доказите за кои тврди дека се документирани.