Да се разговара и преговара под присила во 2020 година за тоа дали Гоце и Македонците се Бугари е само уште една од низата неправди со кои се соочуваме како народ низ историјата.
И како што и предходно сме ги надминале и одбиле другите напади така ќе го одбиеме и овој завиткан во европска обланда агресивен изблик на балканско добрососедство од најдолен вид.
Веќе нема никаква смисла ни потреба да се зборува за тоа како Македонците се чувствуваат или какви аргументи имаат во битката со Каракачановци.
Поважни од нашите позиции се две работи кои ги соголуваат сите бугарски позиции а за кои никој во Софија не сака да се говори.
Вчерашниот празник 23 октомври Ден на револуционерната борба или роденденот на ВМРО се слави само во Македонија.
Во Бугарија овој ден не е празник, нема ниту неформална прослава, нема поклон и венци пред спомениците на основачите на ВМРО, нема ниту вести на бугарските медиуми.
За бугарската наука основачите на ВМРО плус Гоце, Јане, Ѓорче…. се недвосмислено Бугари но речиси никој од Бугарите не ги слави нивните дела.
Друга е приказната за Македонците во Бугарија кои ги слават своите великани, но тоа е сосема друга емоција, и чувство за национална припадност.
Со тоа станува јасно дека не и е на Бугарија дојдено толку многу до Груев, Делчев, Сандански туку примарно е тие што се бореле и загинале за Македонија да се одвојат од македонската државна приказна. За да може македонскиот народ да се врзе за бугарската држава.
Бугарија си има свои историски фигури со кои сите македонски херои немаат никаква шанса за иста почит ако еден ден некоја налудничава власт во Скопје се откаже од своите револуционери.
Ако тоа се случи тогаш сите великани од Пулески преку Чупоски и Мисирков се до Ченто можат да станат ескими, односно целосно неважни за Бугарија. Формално тие ќе станат бугарски историски ликови а реално ќе станат дел од шарените страници на бугарската историја скриени во локалната библиотека во Габрово или Ловеч.
За да немате дилеми дали авторот на овие редови лаже видете ги вчерашните постови на бугарските политички елити во врска со денот на ВМРО.
Ниту Радев ниту Борисов ниту лидерот на опозицијата Станишев го спомнаа ВМРО или Дамјан Груев со другарите.
Единствен кој честиташе на Фејсбук беше вицепремиерот Каракачанов како професионален “вмровец” кој го наследи имотот на ВМРО во центарот на Софија вреден десетици милиони евра по падот на комунизмот.
https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=2691826467801427&id=1650025348648216
https://www.facebook.com/boyko.borissov.7
https://www.facebook.com/Stanishev.Sergei/
https://www.facebook.com/239611712717792/posts/3634892466523016/
Вториот бугарски самоуништувачки аргумент на бугарската држава се однесува на македонскиот јазик поради кој блокираат европски проекти и почеток на преговори.
Некогашната колешка од згаснатата А1ТВ Тања Мангалакова која беше долгогодишен дописник од Софија не ја споменувам случајно.
Мангалакова е најдобар пример колку бугарските тези за македонскиот јазик како западен дијалект се лажни и погрешни.
Мангалакова со години ги информираше гледачите на А1ТВ за настани во Бугарија но секогаш беше преведувана на македонски јазик.
Не заради политиката туку затоа што извештаите на Мангалакова беа тотално неразбирливи за македонските гледачи. Тезата за македонски јазик како западнобугарско наречје го урна самиот бугарски јазик преку својата различност.
Во овој правец уште еден самоубиствен аргумент на Бугарија е фактот што ниту еден бугарски медиум нема свој дописник од Македонија што зборува на “западнобугарско дијалект”.
Практично бугарските гледачи не можат да ги разберат Македонците иако науката тврди дека се работи за ист јазик.
Авторот на овие редови некаде во 2008 година во неколку наврати испраќаше извештаи за бугарска телевизија во сопственост на газдата на Си-ен-ен но соработката заврши затоа што гледачите на телевизијата не можеа да го разберат македонскиот јазик на кој беа испраќани извештаите.
На овие факти одговор немаат ни Каракачанов ниту целиот оддел за јазични прашања при БАН.
За некои работи џабе е целата впрегната бугарска наука со се тајните служби и нивните испостави во Македонија.
Црното не може да биде бело, како што Македонците не можат за 20 денови да станат Бугари.
Тази народ не е Б’лгрски народ. Точка.





