Софија го оспорува постоењето на македонски јазик и се заканува да го блокира отворањето на пристапните преговори меѓу Европската унија и Македонија. Софија би можела да истрае во блокирањето, но делумно и блефира, пишува под наслов „Бугарија-Северна Македонија: јазична кавга“ францускиот „Ла Кроа“ .



Весникот оценува дека Софија не би добила многу со спротивставувањето на нејзините европски партнери за отворање на пристапните преговори, кои во секој случај ќе траат десетина години, јави дописникот на МИА од Париз.

Тоа е историска кавга, која не е невообичаена на Балканот, се вели во почетокот на статијата на „Ла Кроа“.

Весникот објаснува дека Бугарија го оспорува постоењето на посебен македонски јазик, признат од европските институции и го смета за бугарски дијалект.

Бугарските националистички кругови го опишуваат македонскиот јазик како „вештачка“ творба на Титова Југославија“., пишува „Ла Кроа“.

Двете земји, продолжува со објаснувањето „Ла Кроа“ исто така, расправаат околу етничкиот идентитет – бугарски или македонски – на историски личности кои се бореа против османлиската окупација, како што е Гоце Делчев, прославуван како национален херој во двете земји. Друго контроверзно прашање е третманот на бугарското малцинство во Македонија и македонското малцинство во Бугарија, додава францускиот весник.

Весникот потсетува дека Во 2017 година, Софија и Скопје потпишаа историски договор за пријателство, со кој се предвидува создавање на комисија составена главно од историчари за решавање на овие спорови. По десетмесечна пауза, оваа комисија се состана во Скопје на 15 и 16 октомври, а повеќе состаноци се закажани во престојниот период, објавува весникот.

„Ла Кроа“ потсетува дека премиерот Зоран Заев е оптимист во врска со можноста за постигнување компромис, потсетувајќи дека тој треба да ја посети Софија на почетокот на ноември. Во продолжение ја пренесува изјавата на Заев дека доколку Бугарија ја задржи својата позиција, „нема план Б“, односно постои можност да не се одржи првата Меѓувладина конференција во декември.

Под ист изговор, забележува „Ла Кроа“, Бугарија неколку месеци блокираше договор меѓу ЕУ и Македонија за учество на полицајци од Фронтекс за контролата на граница со Грција.

Европски дипломат за весникот вели дека Бугарија би можела да истрае во блокирањето, но во тоа има и дел на блеф.

„Внатрешната бугарска политичка ситуација, со демонстрациите против корупцијата и наддавањето на националистичката партија ВМРО, член на владината коалиција, игра важна улога во оваа расправија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов би можел да истрае во неговото блокирање, но во тоа има елементи на блефирање, бидејќи тој не би добил многу со спротивставување на неговите европски партнери за отворање на пристапните преговори, кои во секој случај ќе траат десет години “, вели европскиот дипломат за „Ла Кроа“.