Нема пијалок по 23 часот во казината и автомат-клубовите

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС, чии членки се Групацијата Новоматик во Северна Македонија (Адмирал, Астра и Казино Фламинго Хотел), Апекс Македонија, ја известува јавноста дека без оглед на тоа што законски работно време е од 00 до 24 часот седум дена во неделата, како придонес во борбата за справување со пандемијата, донеле одлука во автомат клубовите и казината со кои ние стопанисуваме да не се нудат угостителски услуги.



Во соопштението се нагласува дека во наредниот период нема да се послужуваат пијалаци во периодот од 23 до 07 часот со како придонес на државните институции полесно да ги спроведуваат новите рестриктивни мерки на терен, велат оттаму.

„Ние се решивме на ваков рестриктивен чекор, со цел да се обезбеди максимален ефект од ново воведените безбедносни мерки иако досега не постои кластер на заразени преку наши вработени. Истовремено, како претставници на реномирани странски компании од земји членки на ЕУ, во нашите објекти се предвидени и најситните детали за заштита од ширење на вирусот и е целосно оневозможено групирањето”, велат од АПИС и додаваат дека и претходно самоиницијативно давале свој придонес:

„Казиното „Фламинго” – Гевгелија го отстапивме за карантин, во јавните здравствени установи дониравме болнички кревети и медицински материјали во вкупен износ од 200 илјади евра. За време на оваа криза ги задржавме сите вработени, иако оваа дејност од 15 март 2020 не работеше цели 100 дена и не остваруваше никакви приходи”.