ЕКСКЛУЗИВНО: Бугарија со „циркуларка“ за Македонија до членките на ЕУ, текстот е лош

Бугарската влада изминативе денови испратила циркуларно писмо до владите на членки на ЕУ во кое се објаснува позицијата на Софија за почетокот преговорите на Македонија, брифираат за expres.mk бугарски дипломатски извори.



Во документот, според изворите во Софија, бугарската влада ги информира своите сојузници во унијата дека не се согласува Македонија да добие почеток на преговори со ЕУ поради нерасчистени прашања меѓу двата соседи.

Оваа порака официјална Софија преку својата дипломатска мисија во Брисел ја испратила и до телата на Европската унија кои работат на подготовка на таканаречената “Меѓувладина конференција” која треба да се случи во декември а која се смета за официјален почеток на преговори на земјите кандидати.

Во документот според брифингот Бугарија објаснува дека властите во Скопје не сториле доволно за да ги подобрат меѓусоседските односи и дека македонската држава не спречува говор на омраза кон соседот од кого очекува поддршка за влез во ЕУ.

Еден од најголемите проблеми според официјална Софија е образовниот и медиумски хаос со кој наводно се поттикнува антибугарско расположение и систематското негирање на историските факти и кражбата на историјата од страна на Македонија што е спонзорирано од страна на властите во Скопје.