Фудбалерите на Вардар се пред меч на деценијата, кој во исто време е и клупски дуел со најголема тежина од сите македонските екипи во Европските натпреварувања. Црвено црните од 20 часот на Паркен стадионот во Копенхаген играат со данскиот првак во реванш средба од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите. Вардар има 1-0 од Скопје од првите 90 минути и тој резултат е добар со оглед на улогите што им беа доделени на противниците во пресрет на соочувањето, но не и според прикажаното на терен минатиот вторник зошто Вардар беше далеку подобар од Копенхаген, а тоа го валоризира, но не доволно.



Мора да се одигра, мора Вардар да се прикаже во најдобро светло за да добие шанса низ битката што е најавена да дојде до плеј оф рундата во која не очекува големо европско име, а и сигурност дека ќе се дојде до групна фаза од еден од двата големи клупски шампионата на стариот континент Лигата на шампионите или Лигата на Европа.

„Не сме дојдени во Копенхаген да се браниме. Дојдовме да одиграме уште еден квалитетен натпревар и да се обидеме да направиме историја, да го елиминираме данскиот првак. Имаме 1-0 од првиот меч, тоа е убав резултат, но не смееме сега само да мислиме на дефанзивата, затоа што на секого може да му се случи да прими гол. Тие се квалитетен тим, нема дилеми, а ние ќе треба да одиграме отворено, и да постигнеме еден погодок. Доколку успееме, мислам дека ќе бидеме многу блиску до целосен успех“, порача капитенот на Вардар Бобан Грнчаров, во пресрет на натпреварот со Копенхаген, кој потсетуваме, започнува во 20 часот.