Едномесечната пауза не го попречи европскиот ракометен првак Вардар да ја забележи четвртата победа во петтиот меѓусебен дуел со Флензбург во Лигата на шампионите, триумфирајќи со 31:26 во „Јане Сандански“.
Освен почетното водство од 2:0 на германскиот вицепрвак и европски шампион од 2014 година, останатиот дел од мечот му припадна на двократниот освојувач на елитното клупско натпреварување.
„Црвено-црните“ на полувреме имаа предност од 17:15, а во второто постепено ја зголемуваа благодарејќи на капитенот Стојанче Стоилов, првото име на средбата со осум гола.
Кристијан Дисингер и Ловро Јотиќ постигнаа по пет погодоци, а Иван Чупиќ и Тимур Дибиров придонесоа со по четири за првиот пораз на Флензбург по трите победи.
Првата победа во вториот натпревар сезонава, по одложените со Елверум и со ПИК Сегед, им ги донесе на вардарци првите два бода во групата А, во која Порто го совлада ПИК Сегед со 25:19, а Пари Сен Жермен беше подобар од Елверум со 35:29.
Табела: Кјељце 6 бода од 4 меча, Флензбург 6 (4), Порто 4 (4), Мешков Брест 4 (4), ПСЖ 2 (3), Вардар 2 (2), Елверум 2 (3) и ПИК Сегед 0 (2).





