Владата вчера информираше дека Македонија ќе добие 500.000 дози од лекот „Ремдесивир“, моќен антивиротик од поновата генерација на антивирусни лекови, кој се употребува за лекување на пациентите заболени од Ковид-19 преку Европската Унија.



Во врска со ова, претседателката на Фармацевстката комора на Македонија, проф. д-р. Бистра Ангеловска, објаснува дека моќните антивиротици, како што е Ремдесивир, никогаш нема да бидат пуштени во слободна продажба во аптеките, напротив тие се даваат под строга контрола на лекарите кои третираат пациенти заболени од корона вирусот исклучиво во болнички установи.

„Станува збор за специфичен лек, кој не се дава дури и на сите хоспитализирани пациенти. Неговата употреба е строго индицирана од целосната состојба во која се наоѓаат пациентите заболени од корона вирусот. Тој навистина дава позитивни резултати, но според последните студии кој јас ги разгледував, не секогаш и не кај сите има добро дејство.

Напротив, овој моќен антивирусен лек знае да направи и поголема штета од самата болест. Затоа, лекарите специјалисти пред да го вклучат во третманот на хоспитализираните пациенти, пред се ја проценуваат моменталната состојба на пациентот, евентуално негови други здравствени состојби, коморбидитетит и го даваат во точно одреден степен на болеста.

Навистина треба многу да се внимава кога станува збор за вакви моќни антивирусни лекови, и тоа не само случај со Ремдесивир, туку и со останатите антивиротици, вели проф. д-р. Ангеловска за Фактор .