Бугарскиот дипломат Стефан Стојанов смета дека меморандумот до земјите-членки на Европската унија за Македонија е погрешен потег на Бугарија.



„Буди недоумица овој објаснувачки меморандум во поглед на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија во контекст на проширувањето на ЕУ. Тоа е еден чуден текст, за кој нема место во меѓународните односи. Овој меморандум не е правилниот документ, не треба напорите да се насочуваат кон патриотски емоции од крајот на 19. и почетокот на 20. век“, изјави тој за телевизијата Бугарија он ер.

Според амбасадорот во Грција од 2002 до 2006 година, најопасниот патриотизам е тој што смета на постигнување внатрешнополитички цели, а не трајни надворешнополитички цели.

„Пред Преспанскиот договор Грција имаше инвестиции од над 1,5 милијарди евра во Република Македонија – во мобилен оператор, рафинерија, банки, автопатишта. Ако патувате од Грција кон Скопје, ќе поминете по еден широк автопат. Ние тргнуваме да решаваме прашања од пред сто години“, вели тој.

Стојанов смета дека полошо е кога не си разбран од „големите“, отколку да си „лошото момче“.

„Во спорот меѓу Турција и Грција Западот ги разбира и двете страни. Кога не можат да те разберат си нешто како варварин. Патриотските Бугари сами, без поддршката од велесилите, не можат да остварат никаква бугарска кауза на територијата на Македонија“, објаснува тој, додавајќи дека државата треба да обезбеди во Македонија да има бугарски медиуми, да има автопат, да има бугарски инвестиции.

„Нашите партнери во ЕУ нема директно да се конфронтираат со нашата позиција, но ќе ни биде покажано дека треба да ја омекнеме и да направиме компромис“, заклучува Стојанов.