Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека владата се подготвува да ги брани дел од предметите на СЈО по дописот од Стразбур а во врска со аболициите на Иванов.
„Не би ги изнесувал детално аргументите, ниту стратегијата на нашата позиција пред Судот, имаме фаза која што е стандардна за секој случај кој ќе се иницира и ќе биде примен на одлучување во судот во Стразбур, а тоа е една фаза во која што се остава можност од извесен број на недели за евентуално спогодување, доколку тоа не се случи, понатаму е можноста за одговор на тужбеното барање и понатаму почнува постапката. Ние сме сега во почетна фаза…“ вели Маричиќ како што пренесе ТВ Алфа.
Министерот не сакаше да даде одговор ни дали ќе се обидат да се спогодат со обвинетите или осудените кои пред судот во Стразбур се жалат дека им се прекршени правата.
„Секое изјаснување на било кој владин претставник може да има последници во понатамошната постапка. Затоа би кажал, без да ги загрозам интересите на нашата држава во постапката, би кажал дека ние работиме на случајот, ги разгледуваме сите апликации бидејќи не се работи за една туку за повеќе апликации одеднаш, ги разгледуваме и ги подготвуваме нашите аргументи и нашата стратегија..“
Според дел од правниците во Македонија се поизвесно е дека судот во Стразбур ќе потопи дел од случаите на веќе згаснатото СЈО, оти според нив, еднаш дадена аболиција не може да биде поништена.
Дека аболицијата не може да биде укината е и примерот што Грција не дозволи екстрадицијата на поранешните функционери во МВР Горан Грујовски и Никола Бошковски.
Според Маричиќ, Министерството за правда во повеќе наврати ургирало до грчките власти да добие одговор за екстрадицијата на поранешните вработени во УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски, но оттаму добивале одговор дека не можат сè уште да ги лоцираат…






