„Денес го нема Наќе Чулев и го нема ВМРО ДПМНЕ во техничката Влада, но бројката на позитивни и умрени од корона вирусот драматично расте“, пишува на Фејсбук, министерот за внатрешни работи во претходната техничка влада кој беше обвинуван дека како прв човек на МВР сноси вина за ширење на пандемијата.
„И не само за играње оро и отворено дуќанче во Чаир како што беше тогаш примерот, денес се случуваат бројни масовни забави, концерти и журки во државата на кои не се почитуваат протоколите, а за кои институциите молчат и не преземаат никакви мерки или мерките се преземаат намерно и договорено после веќе оддржаниот настан.
Денес очигледно е дека виновен е системот, лошите одлуки на Комисијата за заразни болести кои се менуваат по потреба и лошото менаџирање со справувањето со короната од страна на Владата, а тогаш единствениот виновник за ваквата состојба беше само Наќе Чулев и ВМРО ДПМНЕ. Со исклучителна почит за полициските службеници, но нив деновиве ги гледам како пишуваат казни за сообраќајни прекршоци, а Оливер Спасовски истовремено замижува за масовните забави на кои ниту се држи дистанца, а ниту се почитуваат препораките за заштита на граѓаните“, пишува Чулев и додава:
„Денес со овие бројки повеќе од кога било во прашање е доведено општото здравје на граѓаните, но дежурните ботови воопшто не се загрижени, затоа што тогаш Наќе Чулев беше министер, а денес на истата таа позиција е поставен Оливер Спасовски. Тогаш, Оливер критикуваше и бараше оставка од мене, а бројките беа речиси 20 пати помали од денешните на дневна основа, а денес со мал прст не мрднува да преземе било каква активност за заштита на здравјето на граѓаните. Тогаш потенцирав и денес пак ќе споменам дека здравјето на граѓаните е најважни и во таа насока во оваа прилика апелирам и барам до сите надлежни институции да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
Само да потсетам: Ако можеше една кафаеана да се чува со цела група специјалци, може и десетина полициски службеници и неколку пазарни инспектори да преземат мерки кога еден или повеќе локали пред очите на јавноста ги кршат протоколите и со тоа претставуваат ризик за здравјето на сите нас.
Сега кој е виновен?!! – прашува екс-министерот Наќе Чулев во објавата на Фејсбук.





