По објавувањето на извештајот за реформскиот напредок на Македонија и другите земји од регионот, поранешниот ЕУ амбасадор Ерван Фуере вели дека заканите за блокирање на преговарачкиот процес со ЕУ од страна на Бугарија треба да ја загрижи Европската унија, јавува МИА од Брисел.



„Ова прашање е многу загрижувачко затоа што покажува дека некои земји членки го користат членството во ЕУ за да наметнат националистичка агенда, ова е нешто што ЕУ не смее да го потцени, ниту земјите членки ниту институциите на ЕУ, ова е многу сериозен проблем, кој сме го виделе и во минатото со Словенија и Хрватска и покажува колкава е тежината на историјата на западниот Балкан“, вели Фуере.

Тој се надева дека билатералните разлики помеѓу Скопје и Софија за идентитетските прашања нема да се дозволи да го попречат процесот на интеграција на Северна Македонија која со години веќе чека отворање на вратите за преговори со ЕУ.

Според Фуере би било добро да се изјасни и специјалниот претставник за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

„Би било добро специјалниот претставник за дијалогот Белград – Приштина и за Западен Балкан да се занимава со овие прашање во даден момент, инаку постои опасност да се попречи пристапниот процес и да се зголеми националистичкото чувство во време кога треба да се промовира помирување во земјата и во регионот. Јас не би ја потценувал загриженоста што ја предизвикува ова прашање“, вели Ерван Фуере за МИА.