Македонската влада дваесетина дена е информирана за ставот на Судот за човекови права во Стразбур но сепак во соработка со правосудни институции продолжила со процеси и затварање на обвинети.
Вечер.мк дознава дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на тогашниот претседател Ѓорѓи Иванов, од април 2016 година, со која од прогон се аболицирани 54 лица – важи, не е и не може да биде повлечена или укината. Со тоа, најголем дел од предметите кои сега се во фаза на судење по обвинение од СЈО паѓаат во вода, мора да се запрат, а обвинетите или осудените да бидат ослободени од прогон или казна, пренесува Вечер.мк.
Одлуките на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, според нашето право, се оврзувачки за судовите. Според сознанијата на Вечер.мк Судот во Стразбур за својот став ја известил и македонската влада уште на 14 Септември, и решил одлуката да се спроведе во две фази. Владата оваа информација досега ја криела од јавноста.
Првата фаза е да се наложи на извршната и судска власт да најдат начин спогодбено да се спроведе одлуката од Стразбур во договор помеѓу правосудниот систем и прогонетиот, односно обвинетите или осудените. Рок за ова е до 20 Декември годинава. Со ова треба самиот суд, или сега веќе Јавното обвинителтво кое ги презема предметите од СЈО да се спогодат со обвинетите за повлекување на предметите без барање трошоци, надомест на штета и слично.
Втората фаза ќе настапи ако не се изврши бараното во првата фаза. До март следната година, ако нема спогодба, одлуката на Судот за човекови права од Стразбур ќе мора да се спроведе облигаторно, без задршка и без условувања. А тоа значи дека повеќе од половина предмети за кои сега се суди по обвиненија од СЈО запираат на штета на обвинителството или судот, ако е пресуда веќе донесена. Обвинетите потоа, за делата за кои се аболицирани, се слободни, а државата мора да им исплати штета која би ја побарувале.
Повеќе детали на вечер.мк






