Мицкоски: Нема преговори за Гоце и јазикот, тоа е завршена работа

Централно прашање во врска со спорот со Бугарија е кој и како дозволи Макеоднија да биде ставена во ситуација да преговара за темелот на својата државност и тоа во ситуација кога наводно се решени проблемите со сите соседи.



Ова во интервју за Радиото Слободна Европа го потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

“Во моментов, ако мене лично ме прашувате како Христијан Мицкоски, ќе ви одговорам дека за Гоце Делчев нема преговарање, за македонскиот јазик нема преговарање, тоа е завршена работа, тоа е стекнато право. Гоце Делчев е дел од нашата македонска национална химна, тоа е дел од нашиот национален идентитет. Врз основа на тој лик ние сме создале држава”, вели Мицкоски.

Според Мицкоски нема поголемо понижување да преговарате за вашите предци кои живееле и загинале за Македонија како Македонци а не како нешто друго.

“Погледајте ја само последната изјава на еден европратеник кој доаѓа од редовите на владејачката партија кај нашиот источен сосед и тој ќе ви каже дека не е тоа тоа. Дека според нив ваквиот начин кон приоѓање на ликот и делот на Гоце Делчев преставувало фалшлива југословенска историја, дека требало да се сменат учебниците, дека требало комплетно историјата да се смени, практично ние треба прифаќајќи ги преговорите за ликот и делото на Гоце Делчев како држава да прифатиме дека сме нација која постои од 1945. Има ли поголемо понижување да преговарате и да велите дека нашите предци – мојата баба, мојот дедо, моите прабаба и прадедо кои загинале борејќи се за Македонија, коишто говореле македонски јазик, сето тоа да го поништиме и да го избришеме, затоа што сега некој неспособен политичар го ставил на маса за преговарање”, вели Мицкоски во интервјуто.

Линк до целото интервју во кое Мицкоски зборува и за други теми како за притисокот на власта врз активисти на ВМРО-ДПМНЕ овде