Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, уште еднаш јавно објасни зошто му е тешко да се откаже од застапувањето на посебноста на македонскиот народ и на неговото книжевно творештво, поттикнат од најновите бугарски условувања за македонската евроинтеграција.



„Навистина, веќе долго време сакам да се дистанцирам од понижувањето на Македонија и на Македонците. Но, не ми оди, моето научно и хуманистичко его, моето знаење за минатото и за реалноста на Македонија, постојано ме принудуваат да се вклучам во овие дискусии и да го кажам она што го мислам, независно од тоа што длабоко се сомневам дека тоа ќе даде какви било резултати. Јас еднаш напишав и ќе повторам: Македонците немаат пријатели во нивното опкружување или во Европската унија. Нивните вековни непријатели повторно јаваат со своите морничави идеи, а Европа, на која припаѓаме јас и мојот народ, нема поим за тоа и реагира како невешт ученик во прво одделение во основно училиште. Никој од нив нема поим за македонското минато, за нивната повеќевековна борба за држава, етнитет и јазик и се појавуваат како дадени од Бога арбитри, чувајќи ги своите позиции, од кои нема да имаат корист ниту Македонија, ниту Македонците. А, мојот македонски народ молчи, освен неколку ретки интелектуалци кои се осмелуваат да кажат: ‘тоа не оди, не е в ред’.

Би плукнал на себе, како почесен доктор на Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’, надворешен член на МАНУ и член на Друштвото на писателите на Македонија, ако молчам за сите овие бугарски провокации, уцени од најлош вид, што ја спречуваат Македонија да влезе во Европската унија. Тоа не е безобразие, тоа е најлошата варијанта на бездушно политичко уценување кон народот со кој склучуваат Договор за пријателство. Ги презирам сите оние што се продале, се сомневам во кредибилитетот на бугарско-македонската комисија, која има за цел да затре сè што е македонско, се гнасам од политичките лидери кои ја продаваат својата земја, јазик и народност, се срамам во името на великаните од македонското минато, се срамам во мое име, но богами и во името на оние што можат да се спротивстават, но молчат.

Повторувам, од древни времиња па сè до периодот по Втората светска војна, Македонија страдаше, но стана држава. Народот конечно го почувствува својот национално битие, на темелите на својата исконска епска книжевност, на своите бајки, легенди и приказни. И на темелите на својот мајчин јазик, кој на крајот беше обликуван во стандарден македонски јазик. На тој јазик се напишани бројни студии, научни книги, трактати, романи, драми, поезија итн. и кој може да го негира тоа сега? Никој при здрав разум, освен продадените политикантски елити и нивните газди. Е па, на сите нив: не можете да ја купите мојата порака, не можете да го купите моето перо затоа што ја кажува вистината што ве боли и ве мачи. Знам дека не можам да помогнам со овие текстови, но барем останувам чист и искрен пред македонската историја и великаните кои беа мои идоли и учители. Во нивно име, во името на починатите проговорувам, продолжувајќи да ја делам и да ја следам нивната идеја за самостојна, слободна Македонија“, порача Калоѓера.

https://www.facebook.com/goran.kalogjera/posts/3500250106736088