Сопартијци на Мицотакис не даваат договорите со Македонија да бидат изгласани


Околу 40 пратеници од Нова демократија не му дозволуваат на Мицотакис да ги донесе за гласање во Парламентот договорите со с. Македонија, заканувајќи се дека ќе гласаат против, велат, меѓудругото, од грчката опозициска партија СИРИЗА во соопштението во кое ја кометираат вчерашната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.



Во грчкиот Парламент на 14 и  на 15 септември беа доставени предлог-законите за трите договори меѓу Северна Македонија и Грција, односно за „Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, за „Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка“ и за „Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје“, а согласно процедурите, прво треба да добијат зелено светло од надлежната Комисија за надворешни прашања и одбрана, а потоа да бидат ратификувани.

Откако поранешниот грчки премиер, а сега лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас пред десетина дена најави дека тие како партија ќе побараат гласањето за ратификацијата на договорите да биде јавно и со прозивање на секој пратеник, според медиумите во Грција, постоело незадоволство во пратеничката група на Нова демократија, а Владата ќе ја одложи ратификацијата.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас неодамна изјави дека ратификацијата не е итна. (Вечер)