По најавениот отказ на три медицински сестри од Инфективна клиника, Здружението на медицински сестри предупредува дека ова нема да биде единствен случај и дека се очекува, поради незадоволство, многу медицински сестри да ја напуштат земјата.
„Ќе имаме вакви случаеви многу, ако не се реши статусот. Ќе заврши пандемијата, ние ќе се сретнеме со уште поголем одлив.
Нашите информации во моментов говорат дека голем дел (медицински сестри н.з.) веќе полагаат завршни испити во соседните земји и само чекаат крај на пандемијата и да си заминат“, рече претседателката на Здружението на медицински сестри Гордана Бешлиовска.
Таа смета дека медицинските сестри треба да имаат подобар статус, и ако не биде решен, тогаш ќе се случува уште поголем одлив.
„Треба некој да се запраша зошто сме ние медицинските сестри сме незадоволни. Ова не е нешто што се случува само сега во време на пандемија, ова е децениски проблем. Да немате дефиниција за сопствената работа. Тоа значи дека сестрите не си ги знаат своите задачи. И на тој начин не треба да барате одговорност од нив.






