Се поизвесниот трансфер на Нејмар од Барселона во Пари Сен Жермен ќе предизвика уште еден, кој ја нема таа тежина, но е вистинска реткост. Станува збор за заминување на Анхел Ди Марија на “Камп Ноу” што ќе биде во сенка на богатството од 222 милиони евра колку што Французите ќе платат за Нејмар, но секако не е мал, и треба да вреди барем 40-45 милиони евра.



Ди Марија по заминувањето од “кралскиот клуб” имаше клаузула, според која не смееше да потпише за Барселона, но таа истекува токму ова лето. Ако ова се оствари Аргентинецот ќе влезе во редот на супер познати ликови, но во истовреме и најомразени кај дел од навивачите во Шпанија, па и пошироко. Потсетуваме претходно дресовите на големите ривали ги менуваа: Ди Стефано, Роналдо, Лаудруп, Ето, Просинечки, Луис Енрике, Фиго и така натаму.

Инаку покрај Ди Марија, ПСЖ најверојатно ќе ги продаде и Блес Матуиди и Лукаш Моура, за да компензира барем дел од огромната финансиска сума, со која треба да се затвори трансферот на Нејмар.