Ограничувањето на дружењето само со блиските членови на семејството ги збунува децата, го забавува нивниот природен развој, ја ограничува нивната потреба за истражување на светот на нивен начин, велат психолозите.
Помалите дури и не сфаќаат зошто не можат да се дружат со сите деца или своите другарчиња, ниту зошто не можат да ја бакнат баба си, пишува во анализа на порталот Деца.мк.
Дури и може да се прашуваат што лошо направиле што другарчињата не се веќе блиски со нив, зошто не сакаат да се дружат со нив, и тоа може да им внесе страв на долгорочно ниво. Кога сè ќе се врати во ред, можно е децата да не можат да се вратат на исто. Особено кога станува збор за психичка блискост со блиските пријатели и роднини од кои биле одвоени.
Психолозите, исто така, потенцираат дека одењето во училиште е многу поважно од наставата и лекциите, зашто тука на листата на приоритетни придобивки се рутината, дружбата, одговорноста, комуникација со наставниците…Социјалната и физичката дистанца изминативе месеци суптилно оставија траги врз сè, па и врз детството. Родителите забележуваат индиректни индикатори во однесувањето кај децата. Секое дете на свој начин ги прима промените, секое на поинаков начин се соочува со нив, но речиси кај секое дете има низа прашања, грижи, стравови…
„Јана веќе не си игра со деца. Претпочита да игра дома, сама со своите играчки. А сè почесто ме бара и мене, да сум до неа, да играме заедно. Ако порано со нетрпение чекаше да ги облечеме патиките и да трчаме во парк со другите деца, сега се случува спротивното. Не сака надвор, не сака луѓе“, вели нејзината мајка …





