Симона Груевска-Маџоска, научен советник/редовен професор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со вистински мотиваторски говор по најновото негирање на македонскиот идентитет и јазик со бугарскиот меморандум до земјите-членки на Европската унија.



„Мораме да најдеме сила за да се одбраниме. Навистина мораме да најдеме. Значи, ние ги предаваме нашите предци и нашите потомци. Тоа е толкувековна борба на македонскиот народ за својата слобода и наеднаш сето тоа некој да ни го одземе. Навистина мислам дека треба малку посилно да застанеме сите, не само интелектуалците, туку сите да застанеме некако тоа да го спречиме.

Кога почнаа сите овие преговори со Грција и со Бугарија за мене беше: ‘Пандорината кутија се отвори’. Се знаеше од тука што сè ќе излезе, затоа што за тие работи не се преговара. И ние со ваква политика на попуштање и да не правиме конфликти, да не одговараме за некој од таму да не ни се налути, каква слика даваме пред светот за нас? Какви сме ние ако ние не го чуваме нашето достоинство, ако не ни е јасно кои сме и што сме? И ако треба некој да ни кажува: ‘Е сега не важи ова што досега сте го знаеле’. Таа историја ќе ја заборавиме, сега ќе учиме нова историја. Некој со декрет ќе ни каже каква историја да учиме. Па, тоа се генерации луѓе што ги изгубиле своите животи во таа борба за Македонија! Да не зборувам дека од Егејска Македонија се приклучувале на партизаните со таа желба да можат слободно да зборуваат македонски. И сега некој политичар на мене ќе ми кажува дека јас не сум Македонка, мојот јазик не е македонски, бил бугарски, јас дека сум Бугарка?! Јас на тоа никогаш не би се согласила, а сметам дека и мнозинството Македонци не би се согласиле. И мислам дека таа реакција, едноставно, треба да биде посилна.

Разбирам дека нашиот народ е разочаран во политиката, толку години се поминати, просто како веќе да е изморен, како да нема веќе надеж дека нешто може да се измени, но, сепак, во нас е силата. Секој од себе треба да почне. Еве јас така од себе сум тргнала, е па и другите треба така! Не може да чекаме некој друг да ни се избори, некој друг нешто за нас да направи.

Ние со ваквиот однос испаѓа дека не заслужуваме да постоиме. Се надевам дека не е така, се надевам дека здравиот разум ќе надвладее. Некои работи не треба да ги прифатиме, ете дека некој се договорил. Значи, ништо не е готово додека не е готово. Јас така размислувам. Сите треба да бидат поажурни, посилни, погласни во тоа да излезат и да си го кажат мислењето и да не се плашат од некои кучиња што лаат. Нема зошто да се плашат“, рече Груевска-Маџоска во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.