„Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да бидат закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин, или пак закана за било која нација или народ вели историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската Комисија за Дојче веле.
Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права. Нациите се резултат на долготрајни и повеќеслојни процеси и не се создаваат со одлука и волја на една институција или човек. Несомнено бугарската национална идеја има свое место во развојот на македонската национална идеја, што резултирало со заеднички и споделени историски личности и моменти (впрочем, историјата на европските народи познава многу примери на заеднички херои). Но, тоа не и го одзема правото на македонската нација на нејзин сопствен и автохтон пат. Всушност, сите нации се социјални конструкти, а не биолошки категории“, вели Ѓоргиев.






