Секој трет тестиран позитивен на Ковид-19 во Црна Гора!

Ширењето на коронавирусот во Црна Гора добива драматични димензии, за што зборуваат податоците од Институтот за јавно здравје, според кои секој трет направен тест во последните 24 часа бил позитивен!



Од 487 земени примероци за ПЦР-анализа, потврдени се 182 нови случаи на зараза или рекордни 37 проценти, што далеку го надмина досега најцрниот ден со една четвртина позитивни тестови во еден ден.

Бројот на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 6.712, а во моментов се активни 2.085 случаи.

Најмалата ексјугословенска република е неславен лидер во регионот со 331 активен случај на 100.000 жители, многу повеќе од Босна и Херцеговина со 195, Албанија со 155, Косово со 141, Македонија со 94 и Хрватска со 59.

Две третини или 65 проценти од заразените во Црна Гора се на возраст до 50 години, а најголемиот дел од нив се од северот на земјата.

Во првиот бран на епидемијата од март до мај беа регистрирани 324 инфекции и четири смртни случаи, а на 25 мај премиерот Душко Марковиќ ја прогласи Црна Гора за држава берз корона и беа укинати сите рестриктивни мерки. Но, на 14 јуни беа регистрирани првите нови позитивни случаи во Рожај и во Будва, опа властите беа принудени постепено да враќаат дел од мерките на ограничување.