Професорот Љубомир Цуцуловски реагира за најновото бугарско условување на македонската евроинтеграција преку вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.
„Одбраната на Делчев претставува одбрана и на човековото достоинство, особено ако се земат предвид условите што ги наметнува бугарската држава – најпримитивни уцени. Да се потклекне пред уцените не само што не е достоинствено за која било нација, туку е недостоинствено за човекот воопшто, за човештвото воопшто. Од друга страна, практикувањето на овој метод може многу лесно да премине во правило. На тоа укажува и самата историја. Доволно е само кратко потсетување на што сè беа изложени и принудени некогашните републики на СФРЈ. Сепак, крајот и понатаму не се гледа…“, вели Цуцуловски во одговор на коментар на читател под неговата објава на Фејсбук: „ЖИВ ПОДАРОК. Ако македонските власти навистина сакаат да манифестираат добра волја кон Бугарија (како услов да се влезе во современиот демократски свет), треба веднаш, без какво било одлагање, да создадат услови повторно да се роди (ако треба и да воскрсне) Гоце Делчев за да можат жив да ѝ го про/дадат на Бугарија. За враќањето на неговите телесни остатоци, работите (претпоставувам) ќе бидат полесни“.






