Партиски извори брифираат дека лидерот на БЕСА Билал Касами попуштил во барањата по што дошло до начелен договор за распределба на комисиите во Собранието што беше причина за негова предолга блокада.
Владеачката коалиција според дел од партиите се договорила околу распоредот на комисиите со најава дека тие што “загубиле” во законодавниот дом ќе им биде “надоместено” во извршната власт и во дипломатијата.
Најбитната комисија, Комисијата за европски прашања, која во минатиот мандат често беше и злоупотребувана за контраверзни предлог закони на кои им се ставаше европско знаменце со цел да се скрати процедурата, нема да ја водат ниту СДСМ, ниту БЕСА, туку ДУИ.
Од партиски извори дознаваме дека претседател на Комисијата за европски прашања ќе биде пратеникот Арбер Адеми, поранешен министер за образование.
БЕСА ќе ја води комисијата за култура, на чие чело се очекува да застане пратеникот Фадил Зендели.
СДСМ во договарањето со ДУИ и БЕСА за нивен кадар ја обезбедиле Комисијата за здравство, која веројатно ќе ја предводи Д-р Сашко Николов, пратеник од владеачката партија.
Доколку овој договор е конечен се очекува во текот на утрешниот ден да заседава Комисијата за избор и именувања каде ќе поминат предлог одлуките за сите други комисии.
Досегашната неефикасност на Собранието, кое 40 дена по верификација на мандатите сеуште е без работни тела, се должеше токму на меѓукоалициската расправа за тоа кому да му припадне Комисијата за европски прашања.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ се очекува да ги предводи комисиите за земјоделие, надворешни работи, труд и социјала, комисијата за финансирање и буџет, за транспорт и врски, комисијата за родова еднаквост, како и исклучително важните комисии за надзор над безбедносните агенции.






