Ако Заедничката мешовита комисија за историјата не постигне согласност за отворените историски прашања, Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачановј во изјава за ТВ 24.
Тој ја обвини македонската страна дека веќе три години откако е потпишан Договорот за добрососедство одбегнува решавање на проблемите , како што се решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека нема желба да води искрен дијалог.
„Минатата година во ноември месец, пред десет месеци ја стопиравте работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Ние сме го кажале тоа сто пати во последните десет месеци, дека ако не се постигне согласност по тие прашања Бугарија ќе возврати на првата меѓувладина конференција, додека прашањата не бидат исчистени. Тоа е позицијата на Бугарија. И тоа е многу јасно во Скопје“, вели лидерот на бугарското ВМРО и актуелен министер за одбрана.
На прашањето, дали тоа значи дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција, Каракачнов директно одговара: „Се разбира“.
Каракачанов не сакаше да каже дали Бугарија ќе продолжи да го проблематизира македонскиот јазик пред усвојувањето на преговарачката рамка.
Тој вели дека никој од ЕУ не може да притисне и да и укаже на Бугарија да ја промени позицијата и не може само едната страна да прави компромиси, а другата да прави што сака. „
„Јас сметам штом имаме договори треба да се почитуваат. Вие се согласивте да го смените знамето, да гo смените името. А, со онаа земја која секогаш ѝ помагала на Македонија сметате дека може да постапите некоректно. Во меѓународните односи мора да има реципроцит. И кога Бугарија се однесува џентлменски, се однесува коректно, кога и помага на Македонија, кога беше првата држава што ја призна Македонија, логично е да има реципрочно добро однесување и од другата страна“, вели Каракачанов.




