Враќање на старата цена на струјатата преку намалување на тарифата на универзалниот снабдувач, викенд без ДДВ во септември како што беше ветено пред изборите и професионализација на Регулаторната комисија за енергетика со натпартиски кадри се трите барања до Владата со кои истапи опозицијата на денешниот прв од најавената серија протести.
„Доста му е на овој народ и затоа овој народ од денеска почнува правдата да ја бара овде на улиците. Нема веќе по домовите да седиме, излегуваме на улица“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ предводи народна коалиција и отсега ќе ја гледате за секоја неправда која му ја нанесувате на овој народ на улица заедно со тој народ, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Египќани и останати. Ќе го гледате ВМРО-ДПМНЕ и ќе ви биде ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата ноќна мора сè до крајот на вашиот пеколен пад“, додаде тој.






