Локални медиуми, јавуваат дека пожарот што утрово изби во најголемиот мигрантски камп на островот Лезбос, бил намерно подметнат во знак на протест откако кампот бил ставен во карантин.
Во кампот Морија се сместени околу 12,500 мигранти, иако сместувачкиот капацитет на кампот е 4 пати помал.
При гасењето, пожарникарите се соочиле и со отпор од мигрантите кои одбивале да се евакуираат.
Мигрантскиот камп на Лезбос минатата седмица беше ставен во карантин поради појавата на еден случај на Ковид-19, а до вчера бројот на заразени мигранти порасна на 35.
Грчката полиција соопшти дека мигрантите се префрлени на безбедно место, а во гасењето на пожарот учествуваа 25 пожарникари и 10 возила.

Властите испитуваат дали пожарот е намерно подметнат.
Првичните извештаи сугерираат дека пожарите избувнале на различни локации во огромниот камп откако властите се обиделе да изолираат некои лица кои биле позитивни на Ковид-19, јавува Катимерини.
Морија беше „веројатно тотално уништена“, изјави Манос Логотетис од Министерството за миграција за државната атинска новинска агенција.






